Македонското министерство за надворешни работи соопшти дека работата на Мешовитата историска комисија меѓу Бугарија и Македонија ќе продолжи.
-По последните јавни настапи на претставниците на Заедничката Комисија за историски и образовни прашања, сакаме да потенцираме дека работата на Комисијата преставува нераздвоен дел од имплементацијата на Договорот за пријателство од 2017 година. Соодветно на најновата иницијатива на двете држави, потврдена во рамките на заедничката седница на двете Влади, за проширување и продлабочување на меѓусебната соработка во сите области, ја поздравуваме одлуката на двата Копретседатели на Комисијата за интензивирање на динамиката на работата на Комисијата, со цел надминување на разликите за најчувствителните прашања, велат од македонската дипломатија.
Според Министерството, изјавите на членовите на Комисијата не треба да се толкуваат како државни позиции, ниту, пак, како дел од политичките ставови на двете Влади.
-Оттука двете Влади уште еднаш ги повикуваат сите фактори, вклучувајќи ги тука и членовите на Комисијата за историски прашања, за одржување на веќе договорената динамика на активности, која соодветствува со новиот интензитет на засилена комуникација меѓу двете држави, со цел да се искористи новиот моментум за соодветно надминување на разликите меѓу двете земји и откочување на процесот на европски интеграции на Северна Македонија, стои во соопштението на МНР.
Македонскиот копретседател на Мешовитата комисија за историски и образовни прашања, Драги Ѓоргиев, вчера изјави дека нема ништо против да се замрзне работата на комисијата додека не се релаксира политичката атмосфера во двете држави.
Toj рече дека замрзнувањето на работата на комисијата на одреден период не би значело ништо, а можеби би придонело многу повеќе за другите работи меѓу Македонија и Бугарија да тргнат напред.