Интензивен дијалог со Бугарија – Пендаровски наскоро во Софија кај Радев

January 28, 2022
min lexim

За не повеќе од еден месец претседателот Стево Пендаровски оди во официјална посета на Софија каде ќе се сретне со неговиот бугарски колега Румен Радев, со цел двајцата шефови на држави да дадат позитивен придонес во надминувањето на спорот меѓу двете земји. Шефот на дипломатијата Бујар Османи и вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, пак, идната седмица патуваат во Брисел и Париз, за да го објаснат новиот пристап со Бугарија за да може да видат дали може да се вклопи во планот за француското претседателство.

Пендаровски истакна дека ќе се обиде да даде и личен придонес во процесот, зашто смета оти е значајно секоја политичка институција во двете држави да даде свој придонес, додавајќи дека успешното завршување на овој процес е стратегиски интерес на двете држави.

Тој го поздрави и новиот пристап во решавање на прашањето, подвлекувајќи дека сепак, се уште сме во почетна фаза во која двете страни искажуваат добри желби како би сакале да се одвива процесот, но, според него, се уште се многу далеку од подлабоко навлегување во процесот и негово евентуално позитивно завршување.

Според Пендаровски, ако земјава и годинава не ги почне преговорите со ЕУ, ќе комплетира 17 години чекање пред вратата со што значително ќе се приближи до неславниот рекорд на Турција.

Тој порача дека ЕУ нема ниту една рационална, стратешка или тактичка причина да се плаши од влегувањето на Западен Балкан зашто и економскиот и демографскиот ефект на сите шест земји би бил далеку помал од влезот на која било друго држава што претходно станала член.

– Економската интеграција треба да оди паралелно со политичката. Доколку овие процеси се движат одвоено, како што постојат заложби, можно е да имаме извесен економски раст, но да бидеме управувани од автократи. Подлогата за тоа е поставена, антизападната реторика во медиумите во целиот регион е во неверојатен пораст и има тенденција да стане доминантна ако веќе не е, а и како регион назадуваме во демократијата, рече Пендаровски вчера на амбасадорската тркалезна маса „Пристапувањето на Западниот Балкан кон ЕУ: долга, (не)завршена приказна – Одржливост на македонскиот надворешнополитички курс”.

Тој истакна дека проширувањето во целина е де факто замрзнато неколку години наназад. Ако сме реални, треба да кажеме дека ЕУ се уште, за жал, е свртена кон внатре и има дебати како треба да изгледа иднината на Европа.

За одржливоста на македонскиот надворешнополитички курс, рече дека за жал, постојат извесни негативни тенденции, напоменувајќи дека без поддршка на граѓаните, курсот на надворешната политика не може да биде одржлив, при што важен сегмент за одржливоста е и борбата против клиентелизмот и корупцијата.

Според него, добри вести стигнуваат од двата мотора – Германија и Франција. Новата германска Влада продолжува со несмалено темпо да ја поддржува интеграцијата на Западен Балкан, посебно на земјава, а Франција и наспроти фактот дека ќе има претседателски избори, настапува со сосема поинаква реторика.

Францускиот амбасадор во земјава Сирил Бомгартнер, на тркалезна масата, во однос на Северна Македонија, рече дека Париз останува мобилизиран и ќе се обиде да помогне за олеснување на процесот со цел поскоро започнување на преговорите со ЕУ. Во контекст на евроинтеграциите тој укажа и на Конференцијата за Западен Балкан во рамки на француското претседателство, што ја најави претседателот на Франција, Емануел Макрон за јуни годинава.

Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ истакна оти се надева дека европерспективата на Западен Балкан останува меѓу приоритетите на ЕУ, но овојпат со реален исход – почеток на преговорите со Северна Македонија и Албанија.

Маричиќ истакна дека земјава со години наназад е во процесот, а особено последните пет години покажа искрен и отворен пристап во спроведувањето на реформите, посебно во клучните области. Европските извештаи, оцени тој, недвосмислено потврдуваат дека сме успешни и одиме напред.

Секое одолговлекување на почетокот на преговорите, посочи Маричиќ, ќе демотивира, а ќе ги демотивира и државите во регионот кои имаат отворени билатерални прашања, што отвора можност за уназадување на реформските процеси и стагнација на европеизацијата на општествата.

Тој се осврна и на проблемот со Бугарија, укажувајќи уште еднаш дека почнува ново ниво на соработка. Не смееме, подвлече вицепремиерот, да оставиме отворените прашања да ги оптоваруваат и натаму нашите билатерални односи и нашата евроинтерграција, ниту да го попречуваат нашиот евроинтеграциски пат. Но, дополни, освен што почетокот на преговорите е наш национален интерес, наш национален интерес е и да ги зачуваме јазикот и идентитетот.

Се води грижа, истакна Маричиќ, за се што е усвоено од Собранието како Декларација и црвени линии.

– Наша цел е полноправно членство со зачувување на јазикот и идентитетот. Од овие причини, токму сега е важно Унијата да даде зелено светло за почеток на преговорите и, како што кажа Вархеји, само така ЕУ ќе потврди дека интеграцијата на регионот е геостратешки приоритет и интерес, а секое натамошно одложување може дополнително да го загрози кредибилитетот на ЕУ. Реформите дома се приоритет, но преговорите и нивното што поскоро почнување ќе влијае врз политичките процеси во државата, ќе биде поттик за европската агенда и поголем оптимизам кај граѓаните кои легитимно покажуваат сомнеж во остварувањето на нашите цели, рече Маричиќ.

 

И евроамбасадорот Дејвид Гир истакна дека почетокот на преговорите за членство и со Северна Македонија и со Албанија останува главен приоритет за ЕУ, а сега фокусот е на постигнување договор меѓу земјите членки за преговарачката рамка, додека истовремено Софија и Скопје работат со цел постигнување договор за билатералните прашања.

Гир нагласи дека нема магична топка за да знае што ќе се случува претстојнава година, но изрази уверување дека без разлика на се ЕУ ќе остане покрај нас и ќе помогне на секое ниво и секој наш чекор од патот.

Тој исто така, го поздрави новиот интензивен контакт меѓу Бугарија и Северна Македонија, за кој посочи дека дава „свеж поттик за билатералните врски” и дека ЕУ ги поддржува и Софија и Скопје да го искористат моментумот за изнаоѓање на взаемно прифатливо решение за постојните билатерални прашања, со што ќе се отвори патот за што е можно побрзо одржување на првата меѓувладина конференција.

Шефот на дипломатијата Бујар Османи, пак, синоќа во интервју на Канал 5, рече дека не може да каже оти вториот циклус од процесот на решавање на прашањето со Софија сто отсто ќе биде успешен, но оти влегуваме чесно и посветено за да најдеме решение зашто европерспективата е важна за општиот прогрес.

Османи повтори дека двете влади се договорија да почне нова динамика на процес со платформа за враќање на довербата преку честа комуникација и соработка.

– Доколку нема договор, ќе останат истите предизвици. Нашите позиции се јасни. Преговараме над една година и искристализирани се позициите и од наша и од нивна страна. Позициите се појасни од тоа што беше пред една година или шест месеци. Бевме со далечни позиции, сега имаме одредена рамка и се надевам ќе постигнеме одредено решение. Има повеќе разбирање за позициите на едниот и другиот. Ќе му дадеме шанса на процесот, рече тој.

Тој истакна дека за пакетот 5+1 досега многупати кажал и ништо не се крие, а тоа што не е претставен како документ, според него, е затоа што се работни верзии кои се разменуваат како нон-пејпери и дотогаш не се објавуваат.

– Во момент кога некоја формулација ќе е заеднички прифатлива за двете страни, прво ќе се информираат пратениците, претседателот и јавноста, па ќе се даде нашата одлука. Се поставува теза дека тајно се продаваат интереси, тоа не е така, системот на преговори не е поставен така. Граѓаните треба да бидат спокојни, опозицијата наметнува страв дека скришно се прави. Тоа не е точно, пред било која одлука, ќе бидат транспарентно информирани, истакна Османи, додавајќи дека нема ништо против да биде ни во Собрание, но сметал дека треба да се остане во рамката од Договорот за добрососедство од 2017.

Османи денеска ќе ги информира членовите на собраниската Комисија за надворешна комисија за текот на разговорите и севкупните односи меѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија. Седницата ќе биде отворена за јавноста, на негово барање, затоа што, како што рече, „нема што да криеме од граѓаните”.

Начелен договор со владата на Бугарија е, рече Османи, секоја петта недела да се состанува и Комисијата за историски и образовни, бидејќи важни се континуирани состаноци.

Смета дека треба да се внесе свежина во комисијата, во која се сменети двајца членови и во која година и пол, рече, немало резултат од нивната работа. Со менување на политичкиот амбиент очекува и повеќе резултати, нагласувајќи дека МНР не се меша во работата на Комисијата и не сака, рече, јавноста да мисли дека тој или Владата одлучува за работа на комисијата, туку им ја обезбедуваат логистичка поддршка и им ги покриваат трошоците за нивните средби.

Во исто време, шефицата на бугарската дипломатија Теодора Генчовска, рече дека е добро што Бугарија го рестартира дијалогот со Северна Македонија и очекува да има надградба на резултатите за политиките со амбициозните планови на Владата, како и конкретни резултати.

– Со оглед на фактот дека министерствата за надворешни работи на Бугарија и Северна Македонија се координатори на целиот процес, покрај водењето дијалог за политички прашања, во разговорот со шефот на дипломатијата на Република Северна Македонија го проширивме опсегот на разговори, рече Генчовска.

Во таа насока, како што јави дописникот на МИА од Софија, Генчовска додаде дека во однос на Украина, Софија и предложиила на земјава дека доколку има потреба и на наше барање, би се евакуирал тимот на Амбасадата на Северна Македонија во Украина.

Таа посочи и дека Бугарија го обновила предлогот за заштита на воздушниот простор на Република Северна Македонија.

Извор: МИА

www.slobodenpecat.mk

MARKETING

MARKETING

RENT A CAR

MARKETING

Story i mëparshëm

E konfirmon partia, Fatmir Limani i bashkohet Lëvizjes Besa

Story i radhës

Dikush tjetër ka hyrë në mes, ndahet çifti i aktorëve të njohur të ‘Dashuria është në ajër’?

Të fundit nga

ShkoLartë