Анонимна снимка од граѓани прикажува како поединци во Скопје намерно ги уништуваат садовите за одлагање на отпадот и разнесуваат отпад низ центарот на Скопје.
-Ваквото недолично и безобразно однесување каде што може да се види и уништување на јавен имот е забележано на неколку локации низ градот, на местата каде што комуналните служби претходно имаат исчистено, поединци отпадот го разнесуваат намерно и од црни кеси го истураат на јавни површини, информираше Зуди Енузи Кока, в.д. директор на Јавното претпријатие „Комунална хигиена“ – Скопје.
Дали станува збор за организирана акција ќе треба допрва да се утврди.
Директорот ги повикува граѓаните да реагираат на ваквото срамно однесување, а доколку забележат вакво однесување на поединци или групи истото да го пријават.
-Скопјани заслужуваат да живеат во чиста животна средина, а ваквото однесување е непочитување на трудот на комуналните служби, но и претставува казниво дело, порача тој.