ИНТЕРВЈУ Д-р Иво Босилков: Вистинскиот агент на промена може да биде само надидеолошки!

January 22, 2022
min lexim

Постојат три причини зошто популизмот е демонизиран. Прво, затоа што конструира кризи таму каде што не постојат. Второ, затоа што исцртува јасни граници меѓу две групи во општеството и не прифаќа компромис меѓу нив. И трето, затоа што политиката што ја генерира е емотивна и темпераментна, наместо рационална.

Своите академски квалификации во политичките науки и комуникологијата Иво Босилков (36)  ги има стекнато со магистратурата во Амстердам и докторатот во Милано, како и со истражувачкиот стаж во Центарот за југоисточни европски студии во Грац. Денеска предава на Универзитетот Американски колеџ – Скопје, а во домашната јавност во последните години е еден од најартикулираните граѓански активисти за зелените агенди и директната демократија.

Колку е денес важна идеологијата во функционирањето на политиката? Може ли да се води политика без идеологија?

– Идеологијата е насекаде околу нас. Таа е структурата на психолошките предиспозиции на граѓаните на агрегатно ниво. Набљудувана како масовен феномен, идеологијата ги содржи вредносните системи на популацијата, меѓутоа на еден исклучително интуитивен и многу често емотивен начин, кој ги дели луѓето на два типа. Првите сметаат дека нееднаквоста е природна состојба во која посилниот секогаш ќе доминира над послабиот. Тие генерално се плашат од промена. Вторите сметаат дека сите треба да бидат еднакви и се отворени кон промена.

Ова е коренот на континуумот десница-левица, меѓутоа тоа што е различно од минатото е што овие интуитивни ставови повеќе не се пресликуваат во некаква програма на политичко ниво. Причината за тоа е што постои општ консензус дека сегашното општество е фиксно. Според првите, така треба. Според вторите, не може поинаку. Двете главни причини за ова се дискредитацијата на комунизмот со колапсот во 90-тите и етаблирањето на неолиберализмот како основа на економските односи, во кои секојдневието е брутална компетитивност, со цел или натрупување на богатство или голо преживување, во зависност од каде е почетната точка за секој поединец. Во вакви услови нема ниту време, ниту мотивација за некакво колективно организирање за радикална промена на режимот.

Оттука, политиката се сведува на перформативен ритуал, во кој идеологијата претставува повеќе реторика или бренд. Преку нив елитата ја валидизира интуицијата на луѓето и култивира идентификација со партијата, исклучиво за сопствени цели. Ова важи еднакво за десницата која го активира стравот од различното, и за левицата која ги обединува во една група „добрите“, без да треба тие да направат нешто добро. Затоа, вистински агент на промена може да биде само надидеолошки, бидејќи само тогаш кон општествените проблеми би пристапувал индуктивно, наместо дедуктивно, надвор од матрицата, без товар на идеолошка репутација. Тоа значи автентичност и рефлексивност во политиката. Тоа партиите денес го немаат.

Често го артикулирате ставот за истрошеноста на повеќепартискиот модел („партитократијата“) во модерната демократија. Активно се залагате за директна, граѓанска демократија, концепт со кој порешително се настапи и на минатите локални избори во Македонија. Кои се ограничувањата на таквиот партиципативен демократски модел? Го гледате ли него како алтернатива или, пак, како дополнување на партиската демократија?

– Ограничувањата на директната демократија се многу помали во однос на претставничката. А, сепак, за вториве воопшто не зборуваме, туку се фокусираме на недостатоците на оваа или онаа политичка партија и мериме која има помалку недостатоци. Тоа е интернализација на принципот на помало зло, кој е поразителен за каков било прогрес во политиката. Во директната демократија тој принцип не постои.

Ограничувањата на директната демократија главно потекнуваат од разбирањето на политиката во рамката на претставничката демократија. Критичарите велат дека таа немало да ги претставува сите, а сега имаме речиси половина граѓани што редовно апстинираат од гласање. Велат, обичните луѓе се незаинтересирани да партиципираат во политичките процеси, тие само сакаат да го делегираат гласот за некој да им ја заврши работата, а тие да си го тераат животот. Зошто е тоа така? Затоа што сегашниот систем е така дизајниран од страна на политиката за да се нема време и верба во партиципацијата, затоа што мора да се биде продуктивен за себе, а циничен кон другите. Критичарите велат, обичните луѓе не се компетентни да носат политички одлуки. А политичарите се? Политичар како струка не постои. Освен тоа, луѓето никогаш нема да станат компетентни ако не им се даде можност да станат. И последното е дека скапо и неефикасно било одлуките постојано да бидат предмет на колективна делиберација. А корупцијата и бирократијата? Украдените народни пари? Ова не е скапо и неефикасно?

Тоа што е сигурно е дека директната демократија не може да биде полоша од актуелната квазидемократија.

Велите дека популизмот им е потребен на зелените движења? Зошто?

– Постојат три причини зошто популизмот е демонизиран. Прво, затоа што конструира кризи таму каде што не постојат. Второ, затоа што исцртува јасни граници меѓу две групи во општеството и не прифаќа компромис меѓу нив. И трето, затоа што политиката која ја генерира е емотивна и темпераментна, наместо рационална. Сето ова е проблем кога станува збор за десничарскиот популизам, затоа што тој ги подгрева страстите внатре во општественото ткиво, меѓу автохтони и имигранти, преку вештачко генерирање кризи. Меѓутоа, во случајот со животната средина, кризата е реална и страшна. Од друга страна, таа криза е толку апстрактна, што единствениот начин да се мобилизира некаква акција за спас од неа е да се допре до луѓето преку емотивни апели. И, за крај, жртвите и виновниците не се спорни во контекст на еколошката катастрофа. Оштетени се обичните луѓе. Виновни се богатите индустријалци и нивните слуги во политиката. И негирањето дека ова треба да предизвика емоции е негирање на фундаменталната човекова природа.

Проблемот со зелените движења е што произлегуваат од либералната средна класа, која е мека, се ужаснува од грубост и склона е кон кооперативност. Меѓутоа, како што работите стануваат полоши, тие движења ќе стануваат сѐ порадикални и популистички. Тоа веќе го гледаме насекаде.

Еден сте од оние што, своевремено, ја започнаа иницијативата за појавата на Левица. Се согласувате ли со оние што таа партија денеска ја квалификуваат како политичка конзервативна десница?

– Левица е идиосинкратска партија која совршено содејствува со идиосинкратскиот контекст во кој се наоѓа оваа држава. Од нормативна перспектива, тоа е франкештајн партија со шизофрени политики, но тоа може да се каже и за државава од нејзиното осамостојување. Политичката теорија би ја дефинирала како дел од новиот бран на економски леви и социјално десни партии, но тоа би било симплификација. Кај нас тежиштето на политиката е наметнато однадвор на симболички и идентитетски прашања. За Левица да може да го претставува обичниот човек, мора да го следи неговиот пулс. Проблемот е што вистинска левица не треба да следи, туку да води. Не да претставува, туку да создаде услови луѓето сами да се претставуваат. Партијата на Апасиев нема еманципаторни тенденции. Решението за идентитетската криза го гледа во минатото, само не толку далеку како Груевски во антиката. Но, романтизација на историјата и носталгијата е конзервативна логика што води кон митологија, догми и непросветленост. За Левица, македонското општество треба да биде такво како што го дефинирал АСНОМ и никако поинаку, тоа е Библија!

Затоа Левица е и антиалбанска партија. Тие велат дека постојаното нагласување на етничкото е трибализација и води кон антагонизам. Ова е точно, но под оваа официјална линија, имаме секојдневна реторика како Албанците бараат премногу и дека треба да си го знаат своето место во државата која е сопственост на Македонците, како што предвидел АСНОМ. Хушкање на две различни групи во една заедничка држава едни против други не е никаков лев популизам. Левица нема вистински проект и сопствена визија за општеството, освен репродуцирање на веќе воспоставени конвенции, кодекси, значења. Левица е неинвентивна, системска партија што само ја продлабочува мизеријата. Вистинска популистичка партија би настојувала на уривање на претставничкиот модел и државниот апарат. Левица грчевито се држи за нив.

Ако добро разбирам некои ваши јавни коментари, мислите дека мултиетничкиот карактер на македонското општество политички се злоупотребува, на штета на граѓанската демократија, од страна на поголемите партии… Ако е овој впечаток исправен, што мислите со тоа?

– За разлика од Левица, која има нула застапеност, на левиот центар целиот фокус му е на застапеноста. Ова се два екстрема, и двата целосно погрешни. Либералниот естаблишмент мултиетничноста ја гледа низ призмата на квоти и ја има дискурзивно киднапирано оваа идеја како дел од неговиот перформативен ритуал. Какво било скршнување од квотите за нив е прилика да вриштат за национализам. Ова е, буквално, перење мозоци. Она што тие не го разбираат е дека етничката претставеност не е средство за добивање легитимитет за владеење, туку стремеж на едно општество за еднакви и слободни граѓани, вклучително ослободени и од товарот на нивната етничка припадност. Таа претставеност треба да се стекне природно, по поинаков пат.

Тој пат е промена на агендата. Она што мора да се сфати е дека секое ставање акцент врз едно прашање е одземање на акцентот од друго прашање. Колку повеќе се зборува за национални прашања, толку повеќе националната припадност се нагласува и се инструментализира за акумулација на моќ. Ние не полемизираме за животната средина, за политичкиот систем, за рамномерноста на локалниот развој, за урбана одржливост, за образование. Зборуваме за Македонците и за Албанците. Партиите можат, ама не сакаат да ја сменат агендата. Тоа не и одговара на ниедна од нив.

www.slobodenpecat.mk

MARKETING

MARKETING

RENT A CAR

MARKETING

Story i mëparshëm

Këto sjellje tregojnë inteligjencë superiore.Urime!

Story i radhës

Moti sot në Maqedoninë e Veriut

Të fundit nga

ShkoLartë