Аналитичарот Мерсел Биљали оценува дека новиот развој на настаните во Скопје и Софија дава надеж дека Бугарија може до јуни да го тргне ветото и Македонија да ги почне преговорите за членство со ЕУ, пред сѐ заради променетите влади во двете земји, но и заради поширокиот регионален безбедносен контекст.
– Во двете земји има нови премиери и на одредено ниво тоа е некој вид на релаксација, можност да се дојде до решение. Веќе се упатени видливи пораки дека ќе се делува поинаку и се зголемува оптимизмот дека со рпшението може да се најдеме некаде на средина. Но, тоа нема да се случи толку брзо. Секој има дома сопствена наелектризирана атмосфера дома и нема да е лесно да се помине низ сето тоа. Но, чекор по чекор, ќе може да се дојде до резултат, прво со решавање на полесните прсашања, па потешките и да ги почнеме преговорите за членство во ЕУ некаде во мај или јуни – вели Биљали за „Слободен печат“.
Тој додава дека тоа сепак ќе биде само почеток на преговорите кои сигурно ќе траат подолго од деценија, затоа што Европската Унија во суштина не сака да се прошири и само глуми дека преговара или ќе преговара за членство. Биљали го посочува примерот со Црна Гора која преговара над 10 години и не е ниту до половина од процесот. Прашање е, додава тој, и колку земјите од Западен Балкан се подготвени да бидат дел од ЕУ во овој момент, а и самата Унија е во еден вид на криза и затоа тој лично повеќе го посакува и би го форсирал сојузот Отворен Балкан, отколку интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ.
Од друга страна, регионалниот безбедносен контекст може да ги забрза нештата околу европската интеграција на регионот.
– Заради големата опасност од воена експлозија помеѓу Украина и Русија, ЕУ и НАТО секако дека ќе вршат огромен притисок да се неутрализира и најмалата можност да избие каков било мал пожар на Балканот и во тој контекст очекувам притисок отворените прашања да се решат. Оти не е проблем само спорот Бугарија и Македонија, тука е и Република Српска со Босна и Херцеговина, како и односите Косово-Србија. Регионот Западен Балкан сам по себе е вулкан кој може да предизвика опасност во некој момент. Затоа и бугарскиот претседател Румен Радев сега ја менува реториката, колку и да изгледа дека ставовите му се исто ригидни и непроменливи, сепак дел од неговоте претходни ставови не ги спомена во последните изјави. Бугарите сега се повлекуваат од длабокиот океан и пливаат во поплитки води – заклучува Биљали.