ЈП Лајка и Зоолошка градина Скопје со поддршка од Град Скопје започаа заедничка кампања со цел подигање на свеста против напуштање на милениците и одговорно сопствеништво.
-Од денот кога ќе земете миленик, тој станува дел од семејството, бара секојдневна грижа, внимание и љубов кои ќе траат со години. Многупати сме биле сведоци на напуштање на милениците или несоодветно вдомување кои резултираат со многу бездомни кучиња и мачки на улиците, но и со многу зајчиња, папагали, желки донесени во ЗОО Скопје, велат надлежните.
Преку кампањата „Нашите миленици се наше семејство, не ги напуштајте!” заеднички ќе се обидеме да ги едуцираме граѓаните кои чуваат миленици што значи одговорно сопствеништво, низ колкав стрес поминуваат напуштените животни и зошто е добро децата да растат со миленик кој е дел од семејството, порачаа оттаму.
Во кампањата ќе се вклучат и наши познати јавни личности кои се љубители на животните, а во следните фази планираме и часови по емпатија во училиштата каде што како предавачи ќе се вклучат вработени од ЈП Лајка и ЗОО Скопје, како и активисти од здруженијата за заштита на животните.