Историската комисија нема никаква улога во носењето на одлуката за заедничко чествување на Гоце Делчев меѓу Северна Македонија и Бугарија, вели потпретседателот на Мешовитата комисија за историски и образовни прашања, Драги Ѓоргиев, посочувајќи дека одлуката е политичка.
Во вечерашното гостување во емисијата „Топ Тема” на телевизија Телма, Ѓоргиев истакна дека одлуката е гест на добра волја од страна на двете влади, за да ја релаксираат политичката атмосфера во двете земји.
-Јас овој политички гест го гледам како добра волја, како политичка волја на двете држави да ја релаксираат политичката атмосфера, во однос на тие најчувствителни горливи теми што постојат, додава тој.
Ѓоргиев верува оти треба јавноста да биде информирана на извесен начин, дека наспроти тоа што комисијата се уште дискутира и не може да најде решение за тоа заедничко чествување на Делчев, владите на двете држави како гест на добра волја носат одлука заеднички да го чествуваат и го прават тоа. Тој додаде дека се работи за чиста политичка одлука на владите и оти комисијата нема никакво учество во тоа, како и дека продолжуваат да дискутираат за Делчев.
Потпретседателот на Мешовитата комисија вели дека речиси две години работат на усогласување на еден текст, кој се однесува на Гоце Делчев, и во кој треба да бидат претставени идеите зошто двете држави би требало да го слават Гоце Делчев и зошто е важен за двете општества.
-Тоа би било само едно решение, еден предлог од комисијата за тоа на кој начин може да се претстави Гоце во двете општества, тоа не е решавање на историографскиот спор меѓу македонската и бугарската историографија. Дебатите за Гоце ќе продолжат, комисијата не е цензорско тело кое ќе каже од денес Гоце Делчев припаѓа само на една држава, вели Ѓоргиев.
Тој исто така говореше и за споменувањата на евентуалната заедничка историја и истакна дека таа синтагма е употребена и во Договорот за пријателство и добрососедство. Поради тоа што во договорот не е прецизно дефинирана, тоа и дава слобода на бугарската страна да ја толкува со исклучиво етничка содржина.
-Според бугарските колеги заедничка историја значи историја на еден народ, односно на бугарскиот народ од 9 век до 1944 година, кога со формирањето на Народна Република Македонија, во рамките на Федеративна Југославија, беше преку ноќ создаден македонскиот народ, според нивното толкување. Бугарската страна го следи концептот на нација, на историска нација чие формирање започнало во 9 век со, како што тврдат тие, трајна етничка хомогенизација на прабугарското население и на словенското население на територијата на првото средновековно бугарско царство. Тогаш е создаден бугарскиот народ и тој континуитет на бугарскиот народ продолжува до 1944 година и на територијата на Македонија, и затоа тие заедничката историја ја сметаат како историја само на еден народ, односно на бугарскиот народ. Се разбира ние дојдовме во остар конфликт со нив околу тоа, бидејќи ние не го прифаќаме таквото толкување на таа синтагма, рече Ѓоргиев.
Историографијата како наука, тој вели дека развила неколку концепти преку кои можат да се објаснат допирните точки меѓу две задници, две држави, две култури, а тоа се термините кои се користат во историографијата како испреплетена историја, споделена историја, заедничка историја.
-Значи ние можеме да зборуваме за заедничка историја, јас би рекол во рамките на пример на Османлиската империја. Ние имаме заедничка историја со сите народи на Балканот кои биле во рамките на таа империја, бидејќи сме живееле во исти општествени услови, населението имало еден владетел, плаќале исти даноци, и сето тоа го прави заедничкото живеење на едно население. Во таа смисла имаме заедничка историја и со поранешните народи на Југославија. Се разбира во рамките на сите тие заедници постои посебна микро историја, микро култура, фолклор на сите заедници, меѓутоа не можеме да кажеме дека немаме заедничка историја со сите народи кои беа во рамките на таа заедница, изјави Ѓоргиев.
Тој додаде дека тврдењата дека постои заедничка историја на еден етникум, односно на бугарскиот народ од 9 век до 1944 година, и дека тоа е заедничка историја само на еден народ, тогаш тоа е научно неодржливо и едноставно неприфатливо.
Потпретседателот на комисијата информираше дека разговорите во комисијата мораат да продолжат, како дел од процесот на дијалог меѓу двете држави со цел отворање на пристапните преговори со Европската Унија.
-Историската комисија е еден дел од тој процес, и тогаш не постои друг начин освен да се продолжи со дијалогот. Ние се трудиме да биде што понезависен од политиката и на што повисоко научно ниво. Мора да се запази рамноправноста и достоинството на двете страни, додаде Ѓоргиев.