Македонско – бугарскиот дијалог продолжува во Софија

January 24, 2022
min lexim

Со свечена церемонија денеска на плоштадот Александар Невски во Софија македонската владина делегација предводена од премиерот Димитар Ковачевски денеска во 16 часот ќе биде пречекана од бугарскиот премиер Кирил Петков и министрите во неговата Влада кои потоа утре во резиденцијата  „Бојана“ ќе одржат заедничка седница.

Договореното во Скопје на 18 јануари меѓу премиерите Ковачевски и Петков, унапредување на дијалогот и билатералните односи ќе започне да се реализира со оваа седница и со интензивните средби на веќе формираните четири работни групи, низ кои македонските и бугарските министри ќе ја интензивираат соработката и дијалогот на четири полиња: економија, инфраструктура и транспорт, потоа европска интеграција и култура со образование и наука.

Во Скопје двајцата премиери најавија и формирање на петта работна група која ќе се бави со историските прашања кои се спорни меѓу двете соседни земји, но во меѓувреме падна договор овие прашања да продолжи да ги обработува Мешовитата македонско – бугарска комисија за историски и образовни прашања која веќе редовно се состанува и последниот состанок го имаше пред Нова година. Засега нема конкретен датум кога Комисијата ќе продолжи со работа и дали ќе остане во истиот состав.

Македонската владина делегација во Софија предводена од премиерот Ковачевски пристигнува со 12 министри од кои четворица се вицепремиери Фатмир Битиќи, Бојан Маричиќ, Артан Груби и Славица Грковска кои ќе копретседаваат заедно со своите колеги и другите министри со три од четирите работни групи.

Вицепремиерот Битиќи, заедно со министерот за финансии Фатмир Бесими и министерот за економија Крешник Бектеши, со своите колеги задолжени за економските ресори во бугарската влада Корнелија Нинова, Асен Василев и Даниел Лорер ќе копретседаваат со работната група за економија, трговија и иновации. Во работната група ќе членуваат претставници на бугарското Министерството за економија и индустрија, Министерството за иновации и раст, Министерството за земјоделство, Министерството за надворешни работи и на администрацијата на Владата.

Со работната група за инфраструктура, транспорт и поврзување ќе копретседаваат министрите за транспорт и врски Благој Бочварски и Николај Сабев кои веќе имаа билатерална средба во Скопје, а во работата ќе учествуваат и министерот за локална самоуправа Горан Милевски и новиот министер за информатичко општество и администрација Адмирим Алити, заедно со бугарскиот вицепремиер и министер за регионален развој Гроздан Караџов и министерот за енергетика Александар Николов. За членови на работната група се именувани претставници на Министерството за регионален развој и јавни работи, Министерството за транспорт и врски, Министерството за енергетика, Министерството за надворешни работи и администрацијата на Советот на министри.

Европската интеграција на Република Северна Македонија но и зелените политики ќе биде преокупација на третата работна група со која ќе копретседаваат македонските вицепремиери Бојан Маричиќ и Славица Грковска, заедно со министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини и нивните бугарски колеги, вицепремиерите Борислав Сандов и Калина Контантинова како и министерката за правда Надежда Јорданова. Во работната група учествуваат претставници на Министерството за животна средина и води, Министерството за правда, Министерството за електронска влада, Министерството за надворешни работи и администрацијата на Советот на министри.

Прашањата од културата, образованието и наука им останува да ги решаваат членовите на најголемата, четврта работна група во која од македонска страна ќе копретседаваат вицепремиерот Артан Груби, и министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска и министерот за образование Јетон Шаќири, заедно со четворицата бугарски министри Николај Денков кој раководи со секторот за образование и наука во Советот на министри на Република Бугарија, Атанас Атанасов кој е министер за култура, Христо Проданов, министер за туризам и Радостин Василев, министер за млади и спорт. За членови на работната група се именувани претставници од Министерството за образование и наука, Министерството за култура, Министерството за туризам, Министерството за млади и спорт и администрацијата на Владата.

Соработката меѓу македонската и бугарската влада ја поздрави и Европската унија и САД кои дадоа полна поддршка двете земји да ги решат низата прашања кои во натамошниот период ќе ја откочат европската интеграција на Република Северна Македонија преку зајакнување на соработката во повеќе сектори, како и на развивањето на добрососедски односи меѓу граѓаните на Северна Македонија и Бугарија согласно одредбите на Договор за добрососедство од 2017 година.

Новата енергија која во македонско – бугарските односи ќе ја внесат новите премиери Ковачевски и Петков, преку динамична работа на работните групи и состанување секоја недела на една од групите ќе придонесе да се надминат препреките со изнаоѓање на прагматични решенија на проблемите кои со децении ги мачат двете соседни земји иако Република Бугарија токму пред 30 години беше прва земја која ја призна независноста на македонската држава.

Премиерите Петков и Ковачевски во Скопје како прв проект го најавија воведувањето на директна авионска линија Скопје-Софија, во наредните два месеци.

Премиерот Петков на средбата во Скопје како исчекор кон конструктивен дијалог меѓу двете земји и разбирање во интерес на јакнење на билатералните односи се согласи дека Бугарија ќе го користи краткото име Северна Македонија, подеднакво како и долгото Република Северна Македонија.

 

www.slobodenpecat.mk

MARKETING

MARKETING

RENT A CAR

MARKETING

Story i mëparshëm

Imami i Shipkovicës: Rinia po largohet në mërgim, xhemati dita ditës po pakohet

Story i radhës

Studimi: E qara e të porsalindurve imiton mënyrën e të folurit të nënës

Të fundit nga

ShkoLartë