Премиерот Димитар Ковачевски денеска се сретна со грчкиот амбасадор во земјава Русос Кундурос, кој му ја пренесе силна и недвосмислена поддршка од Грција и премиерот Кирјакос Мицотакис за почеток на преговорите на Република Северна Македонија со ЕУ во најскоро време.
Како што соопшти владината прес-служба, на состанокот се изразени честитки за изборот на премиерот Ковачевски и новата Влада и е констатирано дека има услови за натамошно унапредување на односите меѓу двете држави, како во областа на енергетиката и економијата, така и во сите други области од значење за граѓаните.
Двајцата соговорници оценија дека европските интеграции на Западниот Балкан се придонес во регионалната стабилност, можност за имплементација на европските стандарди во државите, а со тоа и развој на регионот, што се гледа како придобивка за сите.
Премиерот Ковачевски му се заблагодари на амбасадорот Кундурос за поддршката од грчкиот премиер и од Грција за напредокот на земјава во евроинтеграциите, по членството во НАТО.
– Решавањето на политичките прашања помеѓу Северна Македонија и Грција со Договорот од Преспа, отвори простор за развој на економските односи. Како држава, учествуваме во енергетскиот проект Александрополис, трговската размена со Грција е добра и тоа се само некои показатели дека односите меѓу државите се одвиваат во позитивен правец и во таа насока и ја продолжуваме соработката, рече премиерот Ковачевски.
На средбата, како што се наведува во соопштението, е разговарано и за други актуелни прашања од значење за двете држави.