Владата денеска донесе заклучок да го повлече Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета од собраниската постапка и на усвојување пред пратениците да го достави новиот текст на предлог-законот во кој во членот 6 е избришана формулацијата „негативно мислење”.
Потегот доаѓа по жестоките реакции во јавноста и стравувањата дека забраната да се изрази „негативно мислење“ кон некого може да значи нарушување на слободата на говорот и на медиумските слободи во државата.
Со последната измена, членот шест од предложениот закон гласи: „За навреда одговара тој што со намера да омаловажи, со изјава, однесување, објавување или на друг начин ќе изрази за друг со утврден или очевиден идентитет омаловажувачко или понижувачко мислење, со кое се повредува неговата чест и углед”, соопшти владината прес-служба.