Зелен хуман град иницира нов пристап во планирањето на Скопје

Зелен Хуман Град иницираше процес „Нов ГУП за зелено и хумано Скопје“, во кој се вклучија експерти од институциите, академијата, претприемништвото и граѓанскиот сектор. На 17 и 18 јануари, во текот на дводневна работилница насловена „Нов ГУП: Планска програма за зелено и хумано Скопје“ во која можеше да се учествува и физички и онлајн, беа споделени најдобри практики за одржливо планирање на еден град.

Експерти од Бугарија, Љубо Георгиев и Калојан Карамитов, пред присутните на работилницата презентираа како ја создале Визијата за Софија – стратешки документ за одржлив и паметен развој на градот. Тие споделија кои податоци се користени за оценка на состојбата / функционалноста на градот и неговите делови, како се дефинирани мерките и индикаторите за следење на успехот во постигнувањето на визијата. Воедно, ја потенцираа важноста од собирање прецизни податоци со чијашто анализа се утврдува што недостига за квалитетен и здрав живот во населбите. За добивање точни информации неопходно е да се вклучат сите засегнати страни и самите граѓани. Така, во планирањето ќе учествуваат не само урбанистите, туку сите оние што ги користат просторот, објектите, инфраструктурата, зеленилото и другите елементи на градот во кој живееме и работиме.

Претставникот на Градот Скопје информираше дека изработката на ГУП 2022-2032 за Скопје е започната, а првата фаза на планската програма е завршена на Архитектонскиот факултет, но не е никаде објавена. Целта со иницирањето транспарентно планирање е да се прекине со работа зад затворени врати, да се прекине со трошење пари на граѓаните за изработка на студии и истражувања изработени далеку од очите на јавноста. Агенцијата за планирање на просторот, која има потпишано договор со Градот Скопје да го изработи ГУП, не ја прифати поканата за учество на работилницата, што го сметаме за одраз на недопустлива затвореност.

„#ЗХГ силно се спротивставува на нетранспарентно планирање на Скопје! Затоа започнуваме со изработка на „пасош“ на Скопје со кој на многу едноставен начин визуелно ќе прикажеме кои делови од Скопје се квалитетно урбанизирани, а кои не се. Во кои делови има консолидирани соседства каде што се обезбедени сите неопходни пратечки јавни содржини (градинка, училиште, амбуланта, детско игралиште, спортски терен, парк за миленици, објекти од областа на културата, урбани градини, биокомпостара, пазар, итн.), а каде воопшто не е инвестирано и кои наши сограѓани живеат, учат, работат во супстандардни услови. Во процесот на создавање пасош за Скопје ги вклучуваме граѓаните кои ќе учествуваат во собирањето податоци и во креирањето на визијата за нашиот град преку алатката #МојГрад. Посветено ќе работиме и ќе инсистираме со новиот ГУП да се направи „договор за користење на просторот“ со сите скопјани. Само заедно може да ја спречиме урбанистичката мафија во незаситното градење и загрозувањето на нашето право на сонце, чист воздух, зелени јавни простори и пристапна и достапна инфраструктура за сите нас“, посочија оттаму.

Настанот беше реализиран во рамките на проектот „Protecting Civic Space – Regional Civil Society Development Hub“ финансиран од Sida и имплементиран од BCSDN.

skopjeinfo.mk

Story i mëparshëm

LSDM: Kërkesa e OBRM-së për zgjedhje të parakohshme në krizë energjetike është në dëm qytetarëve

Story i radhës

Лирман: Треба што поскоро да се отворат пристапните преговори за Северна Македонија и за Албанија

Të fundit nga

AlbanianMacedonianEnglish