Кампањата ја потисна „решавачката“ билатерална средба со Софија

Од Министерството за надворешни работи вчера не открија дали воопшто до крајот на оваа недела ќе се одржи најавената средба и во кој формат ќе биде или ќе се остави за следната недела, по изборите

Финишот на кампањата за вториот круг ја стави во втор план оптимистичката најава дека октомври може да заврши со договор меѓу Скопје и Софија, кој министрите за надворешни работи би го потпишале во текот на ноември, за да може да биде усвоена преговарачката рамка на состаноците во ЕУ во декември, односно Бугарија да го тргне ветото.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи минатата недела најави дека до крајот на октомври се очекува да се одржи нов круг консултации меѓу Бугарија и Македонија, а премиерот Зоран Заев рече дека има можност да се постигне договор со Софија затоа што прашањата во шесте точки што ги постави Бугарија се решливи. Билатералната средба до крајот на октомври ја најави и бугарскиот технички министер за надворешни работи Светлан Стоев, кој рече дека нивните предлози и толкувања се испратени во Скопје и изрази очекување билатералниот протокол од 6 точки да биде готов до почетокот на ноември.

Од Министерството за надворешни работи вчера не открија дали воопшто до крајот на оваа недела ќе се одржи најавената средба и во кој формат ќе биде или ќе се остави за следната недела, после изборите. Претходно известија дека до крајот на месецот ќе се сретнат експертските тимови на двете министерства и повторија дека „МНР на Република Северна Македонија е во постојана комуникација со МНР на Република Бугарија и тоа на повеќе нивоа, од техничко, до највисоко политичко ниво, со цел да се искористат можностите за надминување на меѓусебните разлики и да се отстрани пречката за продолжување на европските интеграции на Република Северна Македонија, по можност до крајот на оваа година“.

Билатералниот протокол од шест точки како услов за тргање на ветото го постави бугарскиот претседател Румен Радев по Самитот ЕУ-Западен Балкан во Словенија, односно на претходно познатите пет услови го додаде и условот Бугарите да бидат внесени како малцинство во македонскиот Устав, за да им се гарантираат граѓанските права. Неизвесно е како двете страни ќе ги усогласат ставовите за оваа точка, затоа што премиерот Заев веќе се изјасни дека тоа може да се случи кога Уставот ќе биде отворен при приемот на нашата земја во Европската Унија. Останатите точки се прашањето за краткото и долгото име на земјата, прашањето на говорот на омраза, рехабилитацијата на жртвите на комунизмот, работата на историската комисија, прашањето на немешање во внатрешните работи на Република Бугарија, на кое што се надоврза и прашањето за вклучување на Бугарите во Уставот. Последното барање со Уставот и во  Европската комисија и во Македонија беше оценето како мешање во внатрешните работи во земјата.

Вицепремиерот за евроинтеграции Никола Димитров вели дека според Договорот за добрососедство, одредбата за немешање во внатрешните работи е реципрочна и дека освен нашата обврска да не се мешаме во бугарските внатрешни работи, постои и обврска за Бугарија да не се меша во внатрешните македонски прашања.

– Туку можеби прво прашање е правото на самоопределување и самоизјаснување и тука е тој судир на позициите со договорот и правната рамка на некој начин што ја прави договорот – рече вицепремиерот Димитров во интервју за РСЕ.

Според него, многу е битно да знаеме дали техничката влада на Бугарија може да испорача зелено светло, усвојување на преговарачката рамка и одржување на првата меѓувладина конференција.

– Ако најдеме разбирање, со оглед на датумот на изборите, и претседателски и парламентарни кај соседите во Бугарија, тоа е клучно прашање. Второ, за нас исклучително важно е македонскиот јазик во преговарачката рамка, формулацијата за македонскиот јазик во однос на тоа дека земјата треба сите, целиот корпус на европско законодавство да го преведе на македонски и да има доволен број преведувачи пред да стане членка, да биде така напишана како и за сите други европски јазици. Тие точки се контекст на спроведување на Договорот за пријателство со Бугарија. Меѓутоа, вкупниот пакет мора да содржи почеток на преговорите – рече Димитров во интервју за РСЕ.

До МНР не стигнала оставката на Ѓоргиев!?

Членот на Мешовитата историска комисија Ванчо Ѓоргиев најави писмена оставка во петокот, наводно заради мешање на политиката во нивната работа и донесена одлука за примена на учебниците за Цар Самоил без консензус, но оставката сè уште не е доставена во МНР. Тој оттогаш не е достапен за изјави во медиумите за да ја објасни оставката и да одговори кој висок функционер од МНР ги притискал, како што наведе во соопштението.

Министерот Османи веднаш демантираше дека е вршен притисок врз Комисијата, а од МНР велат дека оставката сè уште не е доставена до нив и Ѓоргиев сè уште е член на Комисијата.

 

ИЗВОР: slobodenpecat.mk

Ngjarja paraprake

Levizja antikombëtare “dum babën! dum babën!”

Ngjarja e ardhëshme

​Mbi 707 mijë qytetarë janë vaksinuar me dozën e dytë të vaksinës antiCOVID-19

të fundit nga

AlbanianEnglishMacedonian