Декларацијата на ВМРО-ДПМНЕ за Гоце: Политичко подметнување или обид за обединување

За СДСМ Декларацијата што ВМРО-ДПМНЕ ја поднесе во Собранието по повод 150-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев е политичко подметнување од страна на ВМРО-ДПМНЕ со цел да се продлабочат поделбите во македонскиот народ и оди на штета токму на неговиот лик и дело. Од партијата бараат ВМРО-ДПМНЕ да ја повлече Декларацијата и, како што велат, ако навистина сакаат да ја видат Северна Македонија во ЕУ да се вклучат на конструктивен начин во процесите кои се од национален интерес.  

Гоце Делчев е еден од најзначајните македонски национални херои чие наследство силно го промовираме. Од овој став не сме отстапиле ни милиметар. Популистичките игри на ВМРО-ДПМНЕ се на штета на ликот и делото на великанот Делчев. Наспроти ваквото политиканство во најдобриот дух на визијата на македонскиот великан ние почнавме со градење мостови и културен натпревар со цел решавање на сите отворени прашања. Тоа бил и неговиот поглед за иднината и тоа е духот во кој ќе продолжиме понатаму. Срамно е што ВМРО-ДПМНЕ се обидува ова да му го направи на македонскиот херој Гоце Делчев, рече на прес-конференција во Собранието координаторот на СДСМ Јован Митрески.

Според СДСМ, македонскиот национален херој Делчев не заслужил да биде сведен на политичка декларација, а делото на великанот и неговиот историски придонес во создавањето на македонската држава не заслужува ваков потценувачки однос.  

-Моштите на Гоце Делчев се во Скопје во главниот град на македонската независна држава и тука ќе останат. Гоце Делчев е вграден во македонската национална химна и таму ќе остане. Имаме град што го носи неговото име, училишта и библиотеки, улици и бројни споменици. Големо е неговото дело и почитта кон него, рече Митрески.

За СДСМ декларацијата е политичко подметнување од страна на ВМРО-ДПМНЕ со цел да се продлабочат поделбите во македонскиот народ.

-Партијата која постојано е против нашите евроинтеграции во нивниот познат манир по стоти пат ја промашија темата. Бранат нешто што не е нападнато и со тоа си ја покажуваат сопствената несигурност и аматеризам. Таквата несигурност, таквиот аматеризам и таквиот дилетантизам нема да дозволиме да биде пренесен на граѓаните. Нема да дозволиме да ни држат лекции оние кои со бројни потези го срамат ликот и делото на Делчев, рече координаторот на СДСМ. 

Тој истакна дека вакво, како што рече, политичко понижување на делото на Делчев е штета на грбот на националниот интерес и прави да нема разлика помеѓу Христијан Мицкоски и некои други бугарски политичари кои имаат за една цел – градење на политички кариери преку одржување на спорот меѓу двете држави.  

-ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски треба да се засрамат и да ја повлечат нивната т.н. декларација. Ги повикуваме, ако навистина сакаат да ја видат Северна Македонија во ЕУ да се вклучат на конструктивен начин во процесите кои се од национален интерес. СДСМ и коалицијата нема да учествува во нивниот дневно-политички театар на кој единствена цел е да им помогне на оние центри кои не сакаат Северна Македонија да ги почне преговорите со ЕУ, рече Митрески додавајќи дека затоа бараат декларацијата да биде повлечена.  

Претходно пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Иванка Василевска уште еднаш побара СДСМ и останатите политички партии да се изјаснат во врска со Декларацијата што партијата ја поднесе во Собранието по повод 150-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев.

Декларацијата, велат од ВМРО-ДПМНЕ, „треба да го отслика единството и обединувањето на политичките партии во македонското Собрание, но исто така и единството на целокупното македонско општество околу неспорниот македонски деец и водач во ослободувањето на Македонија и идејата за самостојна држава Република Македонија”.  

-Сакаме да потенцираме дека иако на денот на 150-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев ние ја најавивме оваа Декларација и таа веќе е поднесена до Собранието, досега три дена молк од СДСМ, како и од останатите политички партии во Македонија. Ја користам оваа прилика да ги повикам СДСМ, како и останатите политички партии во македонското Собрание да се изјаснат со официјален став по повод на оваа значајна Декларација и да покажат дека ликот и делото на Гоце Делчев како учител, народен трибун и револуционер за соработка, за толеранција и за соживот и тоа како заслужува да се донесе ваква декларација токму во законодавниот дом со што сите заедно ќе ја покажеме нашата заедничка почит кон оваа централна личност од македонската историја, рече на прес-конференција во Собранието пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Иванка Василевска.

Според неа, само со единство, достојно почитување, достојно прославување и одбележување на дострелите на нашите претци од минатото можеме дополнително да ги зајакнеме демократските темели на државата и на македонското општество.  

-Ајде сите заедно да се обединиме и да ја донесеме оваа декларација по повод 150-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев и да покажеме дека за вакви важни значајни ликови од нашата историја знаеме да бидеме единствени и обединети, рече Василевска

www.slobodenpecat.mk

Story i mëparshëm

19 санкции за непрописно вградени фолии

Story i radhës

Komuna e Rahovecit vazhdon me mirëmbajtjen e hapësirave publike dhe eliminimin e deponive ilegale të mbeturinave

Të fundit nga