ПАНДЕМИЈА: Состојбата „стабилна“, а расте бројот на починати и хоспитализирани

min lexim

Секој трет тестиран во изминатата недела бил позитивен, а бројот на починати од ковид-19 бележи раст од 40 отсто споредено со претходната недела. Министерот за здравство Беким Сали завчера рече дека не се нужни нови превентивни мерки, зашто епидемиолошката состојба е стабилна.

Луѓето не треба да се опуштаат и да мислат дека омикрон е лесна варијанта, затоа што ова охрабрување е клинички неиздржано, смета доктор Илир Демири од Инфективната клиника и член на Комисијата за заразни болести.

Последниот неделен извештај на Институтот за јавно здравје  (ИЈЗ) покажува дека речиси секој трет што бил тестиран во изминатата недела бил позитивен на коронавирус, а за една недела од ковид-19 во Македонија починале 148 граѓани, што е  зголемување за 40 проценти споредено со претходната недела. Министерот за здравство Беким Сали завчера рече дека не се нужни нови превентивни мерки, затоа што епидемиолошката состојба во земјава е стабилна.

Досегашно искуство на д-р Демири покажува дека нема евидентирано ниеден починат од ковид без коморбидитети, ако бил вакциниран.

– Единствената мерка што би нè заштитила да го поминеме ова полесно е вакцинацијата и тоа е наша обврска. Жално е пациент што живее во Скопје да не е вакциниран – смета д-р Демири.

Комисијата за заразни болести се екипираше со нови членови, кои ќе се справуваат со ваквата епидемиолошка ситуација. За нов претседател е поставен директорот на Институтот за имунологија д-р Александар Петличковски, а за одговорен за односи со јавност Злате Мехмедовиќ од Здравствениот дом Скопје.

По состанокот на Комисијата, Мехмедовиќ рече дека укинување на вакциналните сертификати не доаѓа предвид, особено не во зимскиот период.

– Популацијата што нема создадено имунитет, најдобро ќе се заштити со вакцинација. Нема да има радикален чекор на укинување на сертификатите зашто со тоа и поради нискиот степен на вакцинација, ќе се оптовари здравствениот систем. Таа мерка е контрапродуктивна и нема да се разгледува – дециден е Мехмедовиќ.

Петличковски: Нема да копираме модели од странство по секоја цена

Петличковски рече дека цел на Комисијата во проширен состав е да се применуваат научни податоци од странство во македонски услови, но не буквално и по секоја цена, туку адаптирано и сензибилизирано за македонски услови.

– Ќе поставам бариера. Не значи ако во Англија ги фрлиле маските, дека и ние ќе го направиме истото. Нема да работиме на тој принцип. Во Македонија се поспецифични условите и не може така да прифаќаме сè однадвор. Во основа ќе следиме научни сознанија и ќе ги направиме прифатливи за наши околности – рече д-р Петличковски.

Наставата за средните и за основните училишта продолжува со физичко присуство зашто во возрасната група меѓу 12 до 18 години има мала стапка на инфицирани, но сепак за да остане тоа така, мора да се носат маски и да се почитуваат протоколи, рекоа од Комисијата. Со приближно 10 до 20 илјади брзи тестови ќе се детектира дали учениците имаат ковид, односно ќе се спроведува скринингот. Брзите тестови што ќе се користат за таа намена имаат специфичност на омикрон од само 50 проценти.

– По протокол се изолираат само учениците што биле во непосредна близина на позитивниот, а се тестираат само ако имаат симптоми. Омикрон може да го избегне имунитетот од вакцината ако таа е примена пред долго време. Има студии според кои примање трета доза ја зголемува заштитата од инфекција за 80 проценти – рече д-р Петличковски.

Поради ковид хоспитализирани 671 лице 

Последнава недела, според податоците на ИЈЗ, тестирани се 38.518 брисеви за ковид-19, а од нив 11.916 биле позитивни, што претставува зголемување на бројот на позитивни тестови за 2,7 отсто споредено со претходната недела. Најголемиот број заболени, односно 6.033 лица се од Скопје. Во текот на минатата недела вкупно се пријавени 1.558 реинфекции, речиси идентично како и претходната недела.

Според извештаите од болниците во моментов се хоспитализирани 671 лице што претставува зголемување на обемот на хоспитализации за 22 отсто во однос на претходната недела. Од нив, 390 се на кислородна поддршка, или 14 отсто повеќе отколку минатата недела. Во однос на симптоми пријавени кај заболените, најчесто се регистрирани температура, кашлица и малаксаност.

Од почетокот на пандемијата се пријавени 1.262 случаи кај бремени жени и кај 8.096 здравствени работници. Регистрирани се 9 смртни случаи кај бремени жени и 37 смртни случаи кај здравствени работници. Заклучно со 30 јануари годинава, вкупно се регистрирани 6.494 реинфекции, од кои 17 се втори реинфекции. Од реинфекциите, 13 завршиле со смртен исход. Од смртните случаи, 594 лица починале во вонболнички, а 7.815 во хоспитални услови.

Проширен составот на Комисијата за заразни болести

Во новиот состав на Комисијата за заразни болести се докторите Кристина Ставридис, Шабан Мемети, Калина Гривчева Старделова, Невзат Елези, Жарко Караџовски, Ирина Сотирова Бухова, Катерина Ставриќ, Милена Стевановиќ, Звонко Миленковиќ, Фадил Цана, Илир Демири, Виктор Исјановски, Лилјана Десподовска Ристовска, Нико Беќаровски, Марија Дуганова, Арбен Лабништа, Сузана Маневска, Јованка Костовска, Злате Мехмедовиќ, Златко Арсениевски, Драган Георгиевски, Грета Николовска и Марија Милкова.

Комисијата ќе се состанува секој вторник.

 

www.slobodenpecat.mk

Story i mëparshëm

Aksident në Lezhë, makina përplaset me shtyllën e energjisë elektrike dhe me pemën

Story i radhës

Kjo është rruga që dashuria të të ecë

Të fundit nga