Минималецот од март 18.000 денари

min lexim

Минималната плата ќе биде зголемена на 18.000 денари почнувајќи од март,  државата ќе го субвенционира делот од придонесите за што од Буџетот ќе бидат одвоени 16 милиони евра до крајот на годината, договорија синоќа по неколкучасовни преговори синдикатите, работодавачите и Владата.

Се менуваат и критериумите за усогласување на минималната плата, односно како критериуми ќе се земат:

– 50 проценти од годишниот раст на просечната плата и 50 проценти од растот на животните трошоци, а новина е тоа што отсега наместо растот на БДП како критериум ќе биде дека висината на минималната плата нема да биде пониска од 57 проценти од просечната плата објавена од Државниот завод за статистика.

– Осумдесет илјади наши работници, наши сограѓани, од различни индустрии почнувајќи од мартовската плата ќе земаат најмалку 18.000 денари. Оваа сума означува раст на нето платата на овие работници за околу 45 евра месечно. Зголемувањето на минималната плата на 18.000 денари, која на работниците ќе почне да им се исплаќа на почетокот на април, е мерка која во најголема мера ги опфаќа вработените во микро и малите претпријатија, трговијата, преработувачката индустрија и други важни индустрии во земјата, изјави премиерот Димитар Ковачевски по седницата на Економско-социјалниот совет.

Со договорот работодавачите ќе го покријат целокупното нето зголемување на платите за своите вработени кои се на минимална плата, а државата ќе ја покрие целокупната разлика во делот на придонесите од сегашната минимална плата од 15.200 денари до онаа која ќе се исплаќа за март од 18.000 денари.

– Станува збор за удел од страна на државата во износ од околу 16 милиони евра кој ќе се исплаќа до крајот на годината, посочи Ковачевски.

Тој очекува дека зголемувањето на минималната плата ќе влијае позитивно и на останатите плати во државата.

Синдикатите и работодавачите си подадоа рака/Фото: Влада на РСМ

Синдикатите изразија задоволство од постигнатиот договор бидејќи, според нив, зголемувањето на минималната плата е егзистенцијална потреба на работниците.

– Добивме минимална плата која изнесува 62 проценти од просечната плата. Добивме една нова методологија каде што велиме 50 проценти од растот на просечната плата и 50 проценти од трошокот за живот, а во методологијата го изоставивме делот за БДП кој во минатото ни правеше големи негативни ефекти, знаејќи дека минатата година беше минус 0,7 проценти и не успеавме да ја усогласиме минималната плата на ниво достоинствено за работниците, истакна претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија, Дарко Димовски.  

Тој се надева дека доследно ќе се почитува и член 8 од Законот за минимална плата според кој со порастот на минималната плата треба да се усогласат и сите останати плати. Димовски најави дека синдикатот ќе продолжи да се бори и за барањето за исплата на регрес за годишен одмор во целиот јавен сектор.

Работодавачите се надеваат дека со зголемувањето на минималната плата, работниците ќе ја покажат својата продуктивност.

– Ова е нова одлука за нас, со нови методологии и нов пристап. Од таа причина ќе мора дополнително да го консултираме нашето членство и да излеземе со став по однос на реперкусиите врз работењето. Како што вети и Синдикатот, очекувам да останат доследни на својот збор дека работниците задоволни од минималната плата ќе придонесат за зголемување на продуктивноста, изјави претседателката на Организацијата на работодавачи, Владанка Трајкоска.

Овој договор е постигнат по два одржани состанока на Економско-социјалниот совет што се одржаа минатата недела. Во петокот, Бизнис конфедерацијата побара од Владата да помогне со субвенционирање за зголемувањето на минималната плата, а вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи вети дека предлогот ќе биде разгледан на Економскиот совет на Владата. Вчера, пред Економско-социјалниот совет, седница одржа Економскиот совет при Владата.

Важно ни е да имаме задоволни работници, кои ќе ги задржиме тука, дома, но и здраво стопанство кое може да понесе напред, кон развој“, напиша вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи на Фејсбук по постигнување на договорот за зголемување на минималната плата на 18.000 денари.

– Дијалогот вроди со плод. Од март, околу 80.000 мои, ваши сограѓани ќе добијат минимална плата од 18.000 денари. 13 проценти од вработените во нашата земја земаат минимална плата, со ова покачување им помагаме да се извлечат од прагот на сиромаштија. Европскиот стандард на луѓе кои примаат минимална плата е 3 проценти од вкупниот број на вработени, и кон тој стандард треба да се приближуваме и да работиме, напиша Битиќи.

Министерот за економија Крешник Бектеши истакна дека со новиот закон минималната плата не смее да биде помала од 57% од просечната плата.

Според него буџетот континуирано расте, односно константно се зголемува учеството во буџетот од страна на компаниите кои оперираат во слободните економски зони.

Договорот за раст на минималната плата на 18.000 денари ја поздрави и екс премиерот Зоран Заев за кого ова  е доказ дека новата Влада е правична и одговорна, работи за интересите на граѓаните, за интересите на работниците.

 Маја Кадиевска, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ вчера изјави дека министерот за финансии треба да излезе во јавноста да каже колку не чинеше субвенционирање на растот на минималната плата.

„Мотивацијата на вработените се гледа токму по податоците, дали има раст или паѓа продуктивноста. Ние цел овој период оваа Влада пред да дојде на власт ја префрлаше топката на другата Влада дека премногу вработува, дека премногу троши за една обемна и гломазна јавна администрација. А, ние сега во моментов имаме повеќе министри отколку претходната Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Значи не се тие заложби кои што на делос ега ги гледаме. Ако сакаме да имаме јавна администрација ефикасна и мотивирана, значи треба да биде правилно вреднувана во смисла на плати”, рече Кадиевска.

www.slobodenpecat.mk

Story i mëparshëm

Moti për sot

Story i radhës

Plan i ri për paqe midis Izraelit dhe palestinezëve

Të fundit nga