Каде е протоколот за лекување ковид во болнички услови?! Министерот Сали тврди дека го има, но кој го видел?

„Слободен печат“ се обрати до Министерството за здравство да го побара овој протокол за кој што министерот Сали вчера истакна дека постои, за да го објавиме. Меѓутоа, на наше изненадување, ни беше кажано дека протоколот е премногу стручен и дека постои опасност ако се објави, пациентите на своја рака да ги купуваат лековите и да ги земаат кога ќе заболат од ковид-19.

Во јавноста две години, уште од стартот на пандемијата со коронавирусот, се поставува прашањето дали постои протокол за лекување ковид позитивни пациенти во хоспитални услови. На веб страницата на Министерството за здравство, на 21 март 2020 година е објавен протокол за лекување ковид во хоспитални услови и освен тој документ, друг документ Министерството нема објавено. Протоколот е изработен од страна на професор доктор Звонко Миленковиќ, специјалист инфектолог и обновена верзија не успеавме да најдеме од него.

Од март 2020 година, многу работи се променија во светот на лекувањето ковид-19, разни терапии беа клинички тестирани, нови се произведоа, меѓутоа што и како се применува во македонските болници останува енигма поради тоа што официјално не се соопштува.

За матичните лекари протокол за лекување ковид не ни постои освен за лекот Ивермектин, меѓутоа, министерот за здравство доктор Беким Сали вчера на прес конференција истакна дека протокол за болничко лекување ковид постои и дека е изработен од доктори специјалисти на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби.

„Слободен печат“ се обрати до Министерството за здравство да го побара овој протокол за кој што министерот Сали вчера истакна дека постои, за да го објавиме. Меѓутоа, на наше изненадување, ни беше кажано дека протоколот е премногу стручен и дека постои опасност ако се објави, пациентите на своја рака да ги купуваат лековите и да ги земаат кога ќе заболат од ковид-19. Со оглед на тоа дека лекарствата за болничко лекување ги набавуваат самите клиники преку огласи за јавни набавки и лековите кои се даваат во болниците (некои од нив) се скапи и чинат над 2 илјади евра, ги нема во аптеките, ова образложение е нелогично.

Кога такво упатство би постоело, како што постои за МЕРС на пример, тогаш секој лекар кој ќе лекува спротивно на тоа упатство, би морал да одговори на прашањето зошто тоа го прави.

Кога нема официјален документ, останува на знаењето, искуството и волјата на лекарот какви лекарства ќе дава на хоспитализираните пациенти. Исто така, ноторен факт е дека во сите клиники, и во сите ковид центри, ги нема истите лекови што се користат во третманот за ковид-19. Така, на Инфективната клиника единствено во државата има моноклонални антитела. На Клиниката за пулмологија се дава Ивермектин, а на Инфективната клиника овој лек не се дава на пациентите.

,,Нема експерт во епидемиологијата што може да противречи на ноторниот факт дека не е испочитуван член 27, став 1 на Законот за здравствена заштита, кој гласи: Здравствената дејност во здравствените установи од страна на здравствените работници и здравствените соработници задолжително се врши согласно со стручни упатства за медицина заснована на докази кои согласно со современата светска медицинска практика, ги пропишува министерот за здравство.“ Зошто? Затоа што такво упатство не постои во форма на подзаконски акт! Тоа е видливо од самиот сајт на Министерството за здравство, во делот „Инфектологија“, каде што се гледа дека не постои Упатство за КОВИД-19!, посочува професор Даниловски.

Тој укажува и на клучниот проблем дека протокол или упатство и да постои, станува збор само за интерен протокол кој не ги обврзува здравствените установи да го применуваат бидејќи нема сила на законска обврска. Исто така, според професор Даниловски, неопходно е да се изготви протокол за амбулантски третман на болни од ковид 19.

-За да се почитуваат тие протоколи, господине Министре, подигнете ги на ниво на законска обврска! Направете ги подзаконски акти! Имате ингеренции за тоа. Членот 27, став 1 на Законот за здравствена заштита е недвосмислен! Клиниката за инфективни болести направила протокол? Во ред! Се почитува ли тој протокол од страна на сите здравствени установи во државата?, прашува Даниловски.

Слободен печат неодамна контактираше со лекари од ковид центарот во Гевгелија. Им го поставивме прашањето дали имаат проткол за лекување ковид болни и одговорот беше негативен.

-Официјален протокол за лекување нема, туку лекарите се водат од искуството и од тоа како реагира пациентот. Ние во ковид центарот прво правиме лабораторија и по потреба и рентген, па според резултатите администрираме витаминска терапија, доколку се потребни суплементи, парацетамол, а ако се покачени инфламаторните маркери и антибиотик. Што се однесува до хоспитализираните пациенти, ако станува збор за пациенти со билатерална бронхопневмонија, ординираме покрај витамините и дополнителна антибиотска терапија, кортикостероидна терапија и ако можат да најдат пациентите и Ремдесивир. Кај хоспиталните пациенти се дава и кислородна терапија доколку е дојдено до пад на сатурацијата. Дополнително има и инфузиони раствори и им се дава и нивната хронична терапија, изјави за Слободен печат минатата недела интернистот во ковид центарот во Гевгелија доктор Блаже Чочков кој работи во ковид центарот во Гевгелија.

Во Република Северна Македонија смртноста од ковид 19 во болниците е висока. Доктор Никола Пановски за Слободен печат вели дека е невидено тоа што 50 проценти од хоспитализираните починале, односно дека таа бројка е висока и треба да се испитува зошто дошло до неа. Има и најава дека Комисијата за заразни болести ќе се состанува секој вторник и ќе дискутира и на оваа горлива тема.

-Кога ќе ги видите протоколите на лекување пневмонија, ниту Панцеф ниту Азитромицин не постојат како лекови за пневмонија. Дури и да им го даваат на пациентите ,,за да не им се спушти на плуќа”, за што патем не постои никаква медицинска оправданост,  не се тие лекарствата, туку се Амоксицилин и Цефуриксин. Дури и кога пациентот би имал пневмонија не се тие лековите наведени во протоколот потпишан од министерот за здравство Никола Тодоров во 2013 година и објавени на сајтот на Министерството за здравство, објаснува доктор Пановски за Слободен печат.

www.slobodenpecat.mk

Story i mëparshëm

Општина Аеродром одбележа 150 години од раѓањето на Гоце Делчев

Story i radhës

Patozi: Berisha s’mund të jetë krenar për koalicionin me LSI

Të fundit nga

AlbanianMacedonianEnglish